Марјан Забрчанец

Комуникациски сектор на Влада на РМ

Марјан Забрчанец е специјалист по односи со јавност, комуникациски стратегии и стратешко планирање, со повеќе од 15-годишно професионално искуство во граѓанскиот, приватниот и јавниот сектор. Од август 2017 работи како посебен советник за односи со јавност на Претседателот на Владата на Република Македонија, при што го координира владиниот комуникациски сервис.

Марјан беше ангажиран како ПР менаџер (2007 – 2010) во маркетинг и ПР агенцијата New Moment, а како претседател и извршен директор (2003 – 2007 и 2010 – 2014) раководеше со Младинскиот образовен форум (МОФ), една од водечките организации за млади во Македонија.

Како независен консултант (2010 – 2016) има спроведувано десетици обуки и тренинзи за односи со јавност, комуникациски стратегии и стратешко планирање за граѓански организации, заедници и институции, како и консултантства за проекти во областите граѓански активизам и медиуми. Меѓу поважните проекти на кои работел се политичката кампања „За живот во Македонија“, граѓанските акции „Заслужуваме подобро“ и „Граѓаните за Македонија“, основањето на Националниот младински совет на Македонија, основањето на првото младинско интернет Радио МОФ.

Своите експертизи и знаења од областа на комуникациите, почнувајќи од 2000 година ги има стекнато низ неформално образование, проекти, тренинзи, обуки и едуктивни програми во земјата и странство. Професионалните стандарди во рамки на владината служба ги обезбедува и надградува низ менторства обезбедени од Комуникацискиот сервис на Владата на Велика Британија и од комуникациски експерти и консултанти во рамки на програмите на УСАИД.