Убивањето на Павел

Павел Шеремет, наградуваниот белоруски новинар кој живееше во Украина, на 20 јули 2016 година беше убиен од автомобил-бомба во Киев.

Шокантното убиство на остриот критичар на белоруски, руски и украински државни службеници привлече неверојатно големо внимание, а украинскиот претседател Петро Порошенко вети дека ќе го реши ова злосторство и лично назначи специјална оперативна единица, предводена од шефот на полицијата. Неколку часа по убиството, тим новинари од Проектот за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) и Slidstvo започнаа новинарска истрага. Бараа видеоснимки од жители и фирми од околината на местото на настанот. Собраните стотици часови ексклузивни снимки се основа за документарната истрага што доведе до извонредни откритија.

Меѓу главните наоди на новинарите се и податоците дека полицијата не им посветила внимание на клучните снимки, не успеала да ги лоцира и интервјуира клучните сведоци и не успеала да открие дека поранешен член на Службата за безбедност на Украина бил необјасниво присутен на местото на злосторството.